Мерцедес од првиот стартен ред во Кина

Објавено од Александар П. во Спорт
14 Април 2012

Возачот на Мерцедес, Нико Розберг на денешните квалификации за Големата награда на Кина успеа да дојде до својата прва пол-позиција во кариерата. Германецот на патеката во Шангај извозе најбрзо време од 1:35.121 минути со речиси половина секунда предност пред Луис Хамилтон.

Возачот на Мекларен сепак нема да стартува од првиот ред поради промената не менувачот па ќе тргне од седмата позиција. На Розберг во првиот стартен ред ќе му се приклучи неговиот клупски колега и седумкратен светски шампион, Михаел Шумахер, додека како трет ќе стартува Кобајаши од Заубер.

Кими Раиконен ќе тргне од четвртата позиција, а до десетото место се квалификуваа Батон, Хамилтон, Вебер, Перез, Алонсо и Грожан. Интересно е тоа што актуелниот светски шампион Себастијан Фетел по дури 43 трки не успеа да обезбеди време за последната квалификациска сесија, па затоа утре ќе стартува од 11-тата позиција, а зад него ќе биде вториот возач на Ферари, Фелипе Маса. Трката за Големата награда на Кина стартува утре со почеток во девет часот по средноевропско време.