Одложено комплетното коло во Италија
Фудбалерот на Ливорно Пјермарио Моросини го загуби својот живот за време на дуелот на неговата екипа со Пескара, кога ненадејно колабираше на теренот.

Средбата која денеска се играше во рамките на 35. коло од италијанската Серија Б помеѓу Пескара и Ливорно не го дочека својот крај по трагедијата која се случи на теренот во 31. минута.
Имено, додека се одвиваше играта на теренот одеднаш на земја се сруши 25-годишниот играч на Ливорно Пјермарио Моросини, кој доживеа срцев удар. Тој итно беше пренесен во болница, каде беше примен во коматозна состојба.
Лекарите се обидоа да го оживеат со вградување на пејсмејкер, но тоа не помогна во борбата за неговиот млад живот.
Моросини во својата кариера беше дел од сите младински селекции на Италија, а за Ливорно настапуваше како позајмен играч од Удинезе.
Поради неговата смрт Фудбалскиот сојуз на Италија одлучи да ги откаже сите натпревари кои беа закажни за денеска во Серија А и Серија Б, а многу веројатно е дека ќе биде одложено и комплетното коло.
